ИНТЕРВЈУ Мариа Дуда: “Мојот сон го остварувам секојдневно”

 01

Мариа е млада девојка која го остварува својот сон. Во Македонија успешно го воведе њујоршкиот бренд за спортска облека DiBiaggio New York Inc на кој е посветена максимално. Живее во Њујорк, а постојано доаѓа во Македонија каде е и седиштето на компанијата. Но, нејзините активности не застануваат само на тоа, таа од 2014 година е организатор на трката Pink Support Mk која има хуманитарен карактер. Повеќе за неа од интервјуто во продолжение…

Со каква визија и идеја се водевте на почетокот?

Идејата за создавање на спортски бренд мислам дека секогаш била присутна како  некој вид на оствaрување на сон…но, кога си дете и кога потекнуваш од малечко место како Крива Паланка, кога не можеш да си дозволиш многу , мислиш дека е невозможно да ти летаат мисли низ глава, a како производ на тоа да излезе такво нешто. Некако, коцките ми се склопија, имам тим од луѓе во Америка кои веруваа во мојата идеја, имаат искуство, ме поддржаа и ме подучуваа за се што ме очекуваше. Главната визија се уште ми е да создаваме функционална спортска облека достапна за секого…да ги едуцираме луѓето за важноста на спортската облека како дел од животниот стил, а не само за време на важбањето.

Колку е тешко да се остане фокусиран на професионален план?

Едноставен ми е одговорот на прашањето –  ако се сака се се може. Да не се бара оправдување и лоша енергија за да се креира неуспех и да си дадеме сами на себе изговор дека сме дале се од себе… но дали сме искрени со себе? Јас се трудам физички и психички да останам фокусирана и посветена, а тоа за среќа или жал носи нови етапи во животот. Веќе две години сама си правам сосема нов распоред како квалитетно да го искористам времето за надоградување и досега се покажа позитивно за мене и за градењето на компанијата.

Која е Вашата максима при остварување на поставените цели?

Фокус и дисциплина ми се животна религија за се во животот.

Кој е таргетот за луѓето што избираат производ надвор од вообиечаеното?

Ако зборуваме конкретно за македонскиот пазар и за македонскиот народ, ќе кажам дека има голем прогрес заради самиот факт што се повеќе луѓе ја сфаќаат и прифаќаат улогата и значењето на убаво парче функционална спортска облека. Позитивен момент е дека не е повеќе табу машко да трча или вежба во “храбри бои” маички  или хеланки. На американскиот пазар  веќе одамна е надминат овој стереотип. 02

Што ве инспирира најмногу?

Интересно е што моите први дизајни се инспирација од самиот град Њујорк, за тоа да се пренасочи и кон Македонија. Во глобала, ме инспирираат работи поврзани со места и луѓе во последно време или веќе последните шест месеци претежно..хумани луѓе со чиста енергија и срце.

Колку искуството од работата во Америка ги гради вашите професионални навики ?

Мислам дека пред да живеам во Њујорк имав добра дисциплина и навики затоа што потекнувам од фамилија со работни навики, завршив средно и факултет за физичка култура и сето тоа многу убаво се вклопи во оној брз начин на живот во Њујорк кој јас лично го обожавам  и се пронајдов. Без сомнение многу ми помага да бидам уште поголем деталист, да бидам фокусирана и да барам од себе повеќе и повеќе себенадградба и да очекувам беспрекорно добро сработена задача.

Кој е патот до тимскиот успех?

Јас од самиот старт кога ја формирав компанијата DiBiaggio New York Inc.знаев дека паралелно сакам тим и во Македонија. Тешко ми беше на почетокот да координирам два континента , луѓе  со сосема различни навики. Луѓето што ме знаат и работат со мене, знаат дека сум перфекционист со темперамент и знаат дека не постои зборот изговор во мојот речник. Тим и успех не се гради преку ноќ. Тоа е возможно само со почит меѓу себе и со самонадградување. На целиот тим од DiBiaggio New York Inc. јас гледам како на едно големо семејство.

Мариа, Вашите активности се присутни и на хуманитарен план. Како е да се биде дел од оставрување на нечиј сон?

Секој заслужува шанса и внимание. Не постои ништо поубаво од искрено подадена рака и возвратена прегратка. Хуманитарните акции, посебно трките, ми се најомилениот дел, ме полнат со енергија, инспирираат , затоа DiBiaggio New York ги поддржува сите филантропски дела на Pink Support Mk. Компанијата е срцето, но невладината е душата на мојот сон, на тоа што сакам да постигнам и да го оставам на општеството како подарок.

Го остваривте вашиот сон или сте постојан сонувач?

Мојот сон го остварувам секојдневно. ..но, сепак сакам наскоро да ја видам компанијата на светски ранг со други спортски компании без да ја изгуби важноста и смислата, туку да прерасне во водич на поддршка на млади спортисти ширум светот. Мојата традиционална трка Pink Run да стане симбол на поддршка на маргинализираните лица, не само во Македонија, туку на сите континенти.03

Кој совет би сакале да им го дадете на помладите од Вас?

Не ја потиснувајте идејата, не чекајте вистинско време, затоа што правила за тоа нема.

04

© 2017 - 2020 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search