Анализи, Коментари, Настани

Интервју со Билјана Настовска, феминистка и активистка за женски права

08 11 Liegehallenbetrieb Damen um1900 a

  1. Опишете ни ја накратко Вашата работа.
    Веќе 14 години работам во меѓународниот сектор на теми поврзани со човековите права, правата на мигрантите, жртвите на трговија со луѓе и правата на жените. Фокусот ми е на правната рамка и потребата од измена на истата за да одговори на потребите на најранливите категории. Исто така доста блиску соработувам и со женските невладини организации во делот на: политичка партиципација на жените, спречување на родово базирано насилство, обезбедување на поддршка и специјални сервиси на жртвите на родово базирано насилство итн. Најголемото задоволство го црпам од моите активности и директната поддршка на жените на терен во сите сфери на унапредување.
  1. Дали сметате дека Р. Македонија може успешно да се справи со предизвикот за постигнување на родова еднаквост?
    Сметам дека родовата еднаквост е предизвик за Македонија, но и за светот. Според мене, не само Македонија туку ниту една земја во светот не целосно ефикасна во постигнувањето на реална еднаквост помеѓу мажите и жените. Впрочем движењата како што се женскиот марш во САД, #metoo, #timeisup и други покажаа колку е присутна нееднаквоста и колку диспропорционално ги погодува жените и девојките само затоа што се жени.
    Кај нас нееднаквоста на жените јасно е изразена во ниската бројка на жени во политика, жени на високи одлучувачки позиции, стапката на невработеност, неплатената работа ( работата во домот и грижата за децата и изнемоштените лица) и секако насилството врз жена. За мене беше фрапантно кога започна кампањата #СегаКажувам која за само неколку часа од нејзиниот старт се успеаа да се приберат над стотици приказни на жени од секојдневието каде е јасно дека се или биле жртви на сексуално или друг вид на родово базирано наислство.
  1. Колку сметате дека ќе се подобри ситуацијата со семејното насилство по ратификацијата на Истанбулската Конвенција? Дали институциите се навистина спремни да овозможат заштита на жртвата и казна за насилникот?
    Ратификацијата на Истанбулската конвенција е чекор напред на државата кон сузбивањето на насилството врз жени и девојчиња и секако за мене претставува успех. Сепак самата ратификација е израз на политичка волја она на кое сега треба да се фокусираме сите е да се имплементираат стандардите кои се јасни – НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА КОН НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИТЕ И ДЕВОЈЧИЊАТА. Самата ратификација ја обврзува државата да инвестира во имплеметација на конвенцијата и истата мора да обезбеди заштита на жртвите и казна за насилниците. Македонија ќе подлежи под меѓународен мониторинг од специјалното тело за следење на имплентација на конвенцијата – ГРЕВИО.
    27751806 1827117140641058 5093394040610098791 n
  2. Онлајн кампањата #СегаКажувам во Македонија опфати голем број на исповеди од жртви на сексуално насилство и вознемирување. Имаше навистина трогателни приказни и да се признае такво нешто е вистинска храброст. Меѓутоа, јавноста одредени исповеди ги квалификуваше како „желба за внимание“ поради кои страдаат и не се земаат за сериозно и оние кои се вистински жртви. Исто така фокусот беше ставен на жртвата, а не и на сторителот. Што очекувате понатаму во однос на овој дел?
    За мене кампањата #СегаКажувам е нешто најубаво што им се има случено на жените кои живеат во Македонија и унапредувањето на нивните права во поновата историја. Пресреќна сум што живеам во време кога можам да сведочам вакво чудо! Сигурна сум дека нашите баби и мајки молчеле и ваквите приказни ги чувале во себе. Личните приказни на жените и девојќите ме потресоа, но ме направија среќна затоа што се слушна гласот кој се мултициплираше и стануваше се појак со секоја нова исповед. Реакциите од типот на исмевање, понижување, мизогенија беа очекувани, впрочем затоа и молчеле сите овие жени. Но знаете што, гласот на жртвите и преживеаните е посилен од оние кои угнетуваат или подржуваат угнетувачи и новите генерации ќе бидат се по гласни. Овие генерации на феминистки ја имаат честа да бараат посилни казни и тоа поддржани со нови меѓународни стандарди како што се Истанбулската Конвенција и новата ЦЕДАВ препорака 35. Се надевам дека #СегаКажувам ќе го охрабри македонското општество да им верува на жените кога зборуваат за насилство, на ист начин на кој #metoo кампањата во САД влијаеше на подобрување на квалитетот на животот за американските жени.
    Очекувам дека во иднина мојата ќерка и сите други девојчиња и момчиња ќе ја отфрлат културата на доминација на еден пол и силно ќе им пркосат на стереотипите. #СегаКажувам дека доаѓаат подобри времиња за жените во Македонија.

  3. Кои се Вашите идеи за поттикнување на жените да имаат нулта толеранција на било кој вид вознемирување на кој се изложени?
    Мојата прва идеjа е да се сменат учебниците од кои децата ги примаат првите пораки за тоа што значи женско, а што машко. Не можете да очекувате од генерација која во учебникот по македонски јазик за петто одделение учи лекција за мрзливата сопруга да ја сфати потребата од еднаквоста и да се елиминираат родовите стереотипи. Секако, улогата на медиумите е клучна во формирањето на општествена свест за нулта толеранција кон ваквите типови на насилство. На крајот и судскиот систем го има механизмот да ги казни насилниците и да прати порака дека ваквиот тип на дискриминација е казнив и дека тука нема толеранција.

  4. Која е целта на родовото буџетирање кое е потребно да се имплементира низ институциите на локалните самоуправи и државните институции?
    Родово одговорно буџетирање е принцип кој би требало да обезбеди еднаква прераспределба на јавните средства во интерес и на мажите и на жените. Во основа централниот, а и локалните буџети не ги земаат во предвид различните потреби на жените и на мажите, па така денеска гледаме доста инвестиции на сите нивоа кои коренспондираат само со потребите на мажите. На пример, општините во последните години интензивно ги поддржуваа општинските фудбалски клубови. Жените и девојките многу малку се вклучени во овој спорт така е јасно дека се става предност на машката популација во однос на женската. Родово одговорното буџертирање е една од алатките за постигнување на родовата еднаквост на практичен начин.

  5. Кој е Вашиот стимул за успех во работата?
    Вистинската смисла за мојата работа е иднината на девојчињата и жените кои ќе дојдат после нас. Сметам дека нашите баби и мајки направиле големи чекори напред кон родовата еднаквост и слободата која денеска жените ја имаат. Но исто така верувам дека жените и девојките се уште не ја живеат еднаквоста во вистинската смисла на зборот. Затоа борбата за еднаквост и елиминација на сите пречки за слободен избор на жените продолжува. Ние не можеме да зборуваме за еднаквост се додека имаме рестрикција на абортус, низок степен на жени присутни во политика и на менаџерски позиции, насилство врз жени и девојки, смртност на мајки и новороденчиња итн.

    Ви благодариме за Вашето одвоено време за одговарање на прашањата од ова интервју.
    Преземено од: 

    Здружение Родова Перспектива

© 2017 - 2021 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Барај