Анализи, Коментари, Настани

Корупција – темно петно на политиката

Ivica

Степенот на довербата во функционирањето на јавните институции е од најголемо значење за квалитетот во сите сфери на општествено живеење, без оглед дали станува збор за прецепција дека добар „живот доаѓа“ или веќе постоел. Постои раширена претстава дека силниот замав на корупцијата главно зависи од ниската етика и спецификите на традицијата и културата во разни земји. Но таквите сфаќања не наоѓаат потврда во реалноста, бидејќи, според меѓународни истражувања, и луѓе во безнадежно корумпирани земји како Нигерија и Сомалија, кои повторно се на дното на листата и во најновиот индекс за прецепеција на корупцијата на Транспаренси интернешнл, имаат силна морална дистанца во однос на коруптивно однесување.

Без оглед на сите контроверзи што го следат феноменот корупција во глобални рамки, станува збор, сепак, за нормална состојба – околу 75 отсто од земјите во светот се повеќе или помалку корумпирани, вклучувајќи ги секако и најбогатите и економски најразвиените. Но, според истражувачката програма финансирана од ЕУ на Универзитетот во Гетеборг, кој располага со најголема дигитална база во светот за корупцијата во јавни институции, не е воопшто лесно да се разбере и објасни зошто некои богати замји, какви што се скандинавските, Нов Зеланд и Австралија, имаат мошне малку корупција.

Напредокот во борбата против корпција најмногу се врзува за континуираните заложби и напори за јакнење на свеста на сите нивоа во општетството, посебно во јавната администрација, за доследна примена на принципот на нулта толеранција за корупцијата.

Можеби еден од најинтересните школски примери во тој контекст, како што неодамна укажа Бранко Героски, е случајот на шведската политичарка Мона Салин, која стана позната во пошироката јавност по т.н. „Тоблероне скандал“. Во периодот додека беше министерка за труд во почетокот на 1990-тите години Салин ја употребила својата службен картичка за да купи, меѓу другото, чоколадо и пелени, а поради што неколку години подоцна мораше да поднесе оставка од функцијата вицепремиер и да се откаже од кандидатурата за нов лидер на шведската социјалдемократска партија.

Овој скандал несомнено јасно го покажува ригорозниот однос и нискиот праг за чувствителност кон корупцијата кога се во прашање високо позиционирани политичари во Шведска, но и во други западни земји, кои направиле поситни или покрупни “погрешни чекори“. Но исто така зборува и за подготвеноста да им се даде втора шанса на поединци во долгогодишна верна служба на партијата, кои јавно признале дека, поради погрешна проценка и невнимателност, западнале во сивата зона на извесна золупотреба на јавната функција.

Сепак, како и сè друго во животот, и во оваа сфера постои друга страна од медалот – друга страна од моралноста, која, без оглед за каков општествено-политички систем станува збор, и без оглед на исклучоците од правилото, се јавува како константа што гласи: „Моќта опива“. Мона Салин во текот на подоцнежната кариера доби нова шанса и беше избрана за партиски лидер, но не успеа да стане премиер и во 2011 година ги изгуби изборите со најлош изборен резултат во историјата на шведските социјалдемократи. Оние од кои изгуби, конзервативните Модерати на премиерот Фредрик Рајнфелд, во 2014 година ја назначија за национален координатор против насилниот екстремизам. Но две години подоцна медиумите открија дека Салин на својот телохранител му издала лажни уверенија, што му овозможиле, меѓу другото, да купи право на користење на луксузен стан во центарот на Стокхолм, а си дозволила и лично да интервенира да се вработи некој негов роднина во Министерството за правда без соодветни квалификации. По овој последен во низата скандали што ја следеа долгата политичка кариера на Мона Салин, таа, се чини, дефинитивно исчезна од јавната политичка сцена.

Коруптивното однесување, значи, произлегува длабоко од човековата природа и од неговиот карактер кој се формира во општеството. Разликата е веројатно најзебележлива во однос на прагот на толеранција, кој во сиромашните земји, каква што е Македонија, рангирана на 107 место во најновиот извештај на Транспаренси интернешнл, е висок како ѕид, напоредно со крајно ниската свест во пошироките граѓански слоеви, што овозможува политичарите да се однесуваат препотентно и арогантно, „оперирани“ од чувството за прземање лична одговорност со смешните алиби за своите коруптивни дејствија и злоупотреби на службената положба. Врхушката на претходниот режим несфатливо долго време целосно ги игнорираше сите јавно објавени индиции и компромитирачки податоци за бројните злоуптреби на власта и на буџетските средства. Единствено Ставревски, под долго премислување, реши да понуди своја оставка (но пред сè, поради здравствени причини!)

Каков бил напредок во борбата против корупција, во такви услови, е речиси невозможен. А и најновите примери по промената на власта, каков што е случајот со неверојатната „аргентинска авантура“, несомнено јасно зборуваат дека без цврст меѓусебен договор на сите политички субјекти и сериозен пристап во изградабата на свеста за потребата од широка и категорична јавна осуда на сите злоуптреби на политички функции за приватни цели и интереси, сузбивањето на корупцијата како најголемо деструктивно зло во општеството и понатаму ќе покажува само скромни козметички резултати.

Конечно, свеста за тоа што корупцијата претставува и дали може да се толерира не може едноставно да се создаде со закони и со унапредување на законската регулатива. Чувството за тоа што е правилно или погрешно секогаш доаѓа одвантре – од граѓанската свест и совест.
Преземено од: http://plusinfo.mk

© 2017 - 2021 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Барај