ЗА ЕДЕН РЕФЕРЕНДУМСКИ ГРАФИКОН

Aleksandar Krzalovski
Секако, секој со свои погледи и аргументи, а политичките партии крајно конфронтирани – владејачката коалиција (заедно со другите партии на етничките Албанци) со убеденост дека договорот е единствениот пат напред за Македонија, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ со прогласи за капитулантство и самоуништување на државата.

Во својата аргументација во прилог на договорот, Владата во голема мера се потпираше на придобивките од ЕУ и НАТО, кои би се стекнале со прифаќањето на договорот и со тоа одблокирање на нашиот пат кон полноправно членство во овие меѓународни сојузи. Пред се тука се мислеше на економскиот развој и зголемениот животен стандард, кои би станале реалност со членството во нив. Тие пораки главно и се најдоа на рекламите на кампањата За (поточно „Излези ЗА Европска Македонија“), а впрочем ЕУ и НАТО се најдоа и во самото референдумско прашање. Од друга страна, опозицијата, но и движењето Бојкотирам, кое се појави брзо по објавата на Преспанскиот договор (како збир на повеќе различни протестни иницијативи) и кое го пополни просторот оставен од отсуството на кампања Против, ретко спореа дека ЕУ и НАТО се и треба да се наша цел, но сметаа дека цената која ја плаќаме со прифаќање на ваков договор – е превисока.

Слично, поддржувачите на кампањата За објавуваа во социјалните медиуми разни аргументи и докази за придобивките од ЕУ и НАТО. Така, внимание ми привлече еден графикон, кој на Фејсбук го објави мој драг пријател и поранешен колега во МЦМС, а сега меѓународно активен граѓански активист и чест (Фејсбук) коментатор на општествените и политичките случувања во и околу Македонија.

Графиконот прикажан во продолжение, беше проследен со негов коментар, дека Македонија, Бугарија и Романија биле на приближно исто ниво на економски развој, мерено преку бруто домашниот производ (БДП) по жител (GDP per capita) од околу 2,000 американски долари, а сега, во 2018 година, Македонија е на ниво од 5,500 долари, Бугарија на 8,000 додека Романија на 11,000 долари.

grafikon 05.12.2018

Со потсетување дека Бугарија и Романија станаа членки на ЕУ на 01.01.2007 година, тој констатира дека се јасни економските придобивки од членството.

Со оглед на податоците презентирани во графиконот, целосно се согласувам со таа констатација и самиот приказ убедливо ја потврдува честата „мантра“, дека секоја земја која станала членка на ЕУ и НАТО само ја подобрила својата економска состојба и со тоа и благосостојбата на своите граѓани. Никој досега не се пожалил дека членството ги уназадило економски (освен можеби Британците кои гласаа за Брегзит, а и таму во многу случаи се докажа дека тие средини што во најголем процент гласале за напуштање на ЕУ, всушност имале најголеми финансиски бенефити токму од ЕУ фондовите… но тоа е друга тема).

Но, што се друго можеме да видиме од графиконот?

Прво, дека БДП по жител и во Бугарија и Романија биле на слично ниво како и сега на самиот ден на пристапувањето во ЕУ членство… кај првите нешто над 7,000 долари, а кај вторите и над 10,000 долари. Всушност, големата светска финансиска криза која почна токму во 2007 година, силно ги погоди и нивните економии, што дури пред неполни две години, на крајот до 2016-та, го стигнаа нивото од 2007-ма.

Второ, главниот подем е во периодот од 2004 до 2007 година, кога и двете држави станале членки на НАТО, но се уште не и на ЕУ. Ова оди во прилог на теоријата, дека има поголем економски бенефит од членството во НАТО (иако тоа е воен сојуз) отколку во ЕУ (кој е сојуз базиран на економски интерес), што се објаснува со аргументите дека НАТО ја дава сигурноста за компаниите да инвестираат во земји членки, особено пред тие да станат и членки во ЕУ (при што обемната легислатива делумно и ги ограничува бизнис можностите).

Интересно е да се погледаат и споредат параметрите за Македонија во истиот период.

Имено, нашата линија во целост го следи трендот на двете други држави до 2007 година, со тоа што нивниот раст е поизразен. Со други зборови, и ние сме напредувале, но не толку многу како нив, што е логично бидејќи не бевме (и не сме) членка на НАТО, а само што го имавме добиено кандидатскиот статус за ЕУ во 2005 година, но не ги започнавме (и се уште не сме) преговорите за членство во ЕУ.

Во останатиот период, од 2007 година до сега, БДП по жител е во стагнација или мал раст, но главно стабилен, односно без поголеми шокови во економијата. Слично е и во Бугарија, но со поизразени промени, додека во Романија има три релативно големи падови од по 1 до 2 илјади долари БДП по жител годишно.

Се на се, гледано во целина (или макроекономски) она што го покажува графиконот е дека во Македонија и не е така лошо како што често се прикажува. Напротив, иако можеби не ни изгледало така, ние постојано сме напредувале (вклучително и во „озлогласениот“ период на претходната влада, од околу 1,000 долари за 10-тина години) и стоиме 2,5 пати подобро отколку во 2000-та година. Секако, ова не ја намалува главната поента на графиконот и на мојот пријател – дека со ЕУ и особено со НАТО членство би ни било уште подобро (ако сакаме да бидеме прецизни според бројките од графиконот – меѓу 1.45 (Бугарија) и 2 (Романија) пати подобро). Значи, неспорни се економските бенефити од членството во ЕУ и НАТО, но не треба да очекуваме премногу и од тоа, а уште помалку дека тоа ќе биде многу видливо во секојдневниот живот.

И сето ова е како што нагласив погоре – гледајќи ја вкупната економија, односно економски раст изразен преку БДП по жител. Како тој развој се пресликува до секој граѓанин (и во Македонија и во другите држави), и како секој поединечно го чувствува тоа – е дополнителна приказна. Може да се дебатира дека бенефитите од тој развој завршил во „малку раце“ и најчесто во елитите на власт. Но, тоа секако не е многу различно и во посочените држави – и во Бугарија и во Романија, во целиот овој период имаше и поголеми и почести протести заради корупција, кои завршија и со падови на тамошните влади и со осуди за два поранешни премиери (Романија).

Сето ова ме всушност ме води до главното прашање, односно дилема, која се чини е и фундаменталната разлика и во идеологиите и дејствувањето на двете водечки партии во Македонија низ целиов транзициски период, а тоа е: дали можеме сами? Но тоа е веќе тема за друг напис!

Преземено: http://inbox7.mk

©2018 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search