ФУДБАЛОТ И ДЕМОКРАТИЈАТА

Aleksandar Krzalovski
Денес е Божиќ (кој патем им го честитам на сите што го слават), според Грегоријанскиот календар (кој е во употреба во најголемиот дел од светот, а го користиме и ние, освен за верските – поточно православните празници, кои се одбележуваат по „стариот“, односно Јулијанскиот календар), со кој почнува речиси едномесечниот период на празници (кој кај нас завршува со Водици на 19 јануари), па сметам дека е тоа добро време да се оттргнеме од дневно-политичките теми, од уставните измени, многуте анкети и претседателски кандидати, или што би рекле хумористите од групата Монти Пајтон: а сега нешто сосема различно!

Тоа различното, овој пат ќе биде фудбалот, или спортот воопшто, а за да не биде воопшто без политика, ќе се обидам да ја поврзам главната приказна од овој текст со демократијата.

Имено, како пасиониран љубител на спортот и особено фудбалот, често се обидувам да ги користам искуствата од спортските терени во секојдневните животни ситуации, особено во раководењето со организацијата во која работам. Па така, една од вечните дилеми ми е „тренерот или тимот“, односно дали тренерот е клучен за успехот на некој тим, или сепак – не е баш така. На пример, како еден од најуспешните тренери во модерниот фудбал се посочува Пеп (Жозеп) Гвардиола, кој за четири години во Барселона освои 14 титули, меѓу кои и на два пати највредната – Лигата на шампионите. Но, потоа за три години во Баерн Минхен иако успеа да биде шампион на Германија, не стигна со нив до круната на Европа, а исто така и за двете години во Англија со Манчестер сити, иако дојде до еднаш во шампионската титула, не стигна далеку во Европа, па зачестија коментарите за неговата компетентност, до таму да се релативизираат неговите успеси со Барселона со тезата дека „со таков тим, било кој тренер ќе беше шампион на Европа“.

Деновиве е актуелен и случајот на Жозе Мурињо, кој минатата недела беше отпуштен од Манчестер Јунајтед, откако клубот го оствари најлошиот старт од основањето на Премиер лигата во 1992 година (иако се шести на табелата на половина од сезоната, тоа за клуб со такво реноме се смета за голем неуспех), но уште повеќе што со својот стил на дефанзивна игра, го „уби“ она што беше препознатливо за „црвените ѓаволи“ – напаѓачки, допадлив фудбал, со многу голови, па на крај и самите навивачи отворено бараа негова смена. И така, „серскиот победник“ Мурињо, не успеа да остави подлабока трага во Манчестер, иако освои три трофеи во овие 2,5 години како тренер (менаџер) таму. Интересно, веднаш по неговото заминување, тимот на првиот следен натпревар победи со 5:1, остварувајќи ја најголемата победа од заминувањето на нивниот легендарен тренер Алекс Фергусон во мај 2013 година. Со тоа на некој начин демонстрираа дека тимот и тоа како имал потенцијал, но тренерот не успеал да го раководи на начин кој ќе донесе подобри резултати.

И кога веќе сме кај познатите тренери и го спомнавме Фергусон, кој во своите 26 години на клупата на Манчестер Јунајтед, освои 38 трофеи, меѓу кои и 13 титули првак на Англија и на два пати Лигата на шампиони. За своите заслуги во спортот, во 1999 година беше прогласен од кралицата Елизабета за витез и ја доби титулата Сер. Но, интересно, тој во првите шест години како менаџер на клубот, не освои ниту една титула шампион на Англија (само една во Купот) и по денешните стандарди (кога повеќето тренери не преживуваат три години на чело на некој клуб ако не освојат некој трофеј), одамна ќе беше отпуштен и никогаш немаше да се случи гореспоменатиот успех!

Но, за овој напис, сакав да се осврнам на една друга тема во спортот, поточно фудбалот, и тоа врвниот – идејата на неколкуте најголеми клубови во Европа за формирање на т.н. Суперлига, во која би играле само тие (со мали дополни од други клубови секоја година). Мотивот за тоа, секако се парите, односно заработката која би ја донеле почестите меѓусебни средби на најдобрите клубови за самите нив, а поврзано со очекуваната гледаност на таквите натпревари од глобалната публика. Тоа би било и алтернатива на сегашната Лига на шампиони, која ја организира Унијата на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), па е разбирливо зошто се тие жестоко против една таква идеја за Европска Суперлига.

Работата отиде до таму, што директорите на 11 најголеми клубови, се собрале пред 2-3 години во Лондон да разговараат за ова и се обидат да ја остварат идејата. На наводната средба (не е потврдено дека средба воопшто имало и ова било темата, но се сликани сите 11 во ист хотел во ист ден) биле присутни претставниците на 6 англиски клубови (Манчестерските Јунајтед и Сити, Ливерпул, Арсенал, Челзи и Тотенхем (или Тотнам, како веќе преферирате) и 5 клуба од другите четири најуспешни европски фубалски лиги: Реал Мадрид и Барселона од Шпанија, Јувентус од Италија, Баерн Минхен од Германија и Париз Сент Жермен од Франција. Петте „европски“ клубови (кои повеќе години во низа се шампиони во своите земји, без посериозна конкуренција „на видик“) наводно се обидувале да ги убедат англиските клубови (од Премиер лигата) да им се приклучат во формирањето на Суперлигата. Нивната логика (и потреба) била јасна – во домашните првенства, тие се доминантни, најчесто победуваат и ги освојуваат титулите, но посетата на натпреварите на стадионите опаѓа, а исто така и гледаноста на нивните мечеви на телевизиите. Следствено, опаѓаат и нивните приходи од своите лиги, па „спасот“ или понатамошниот развој го гледаат во повеќе меѓународни натпревари со „достојни на себе“ противници (Суперлига).

Но, проблемот во разговорот бил – што има тука за англиските клубови? Имено, нивната Премиер лига е најгледана во светот и тие со тоа остваруваат повеќе приходи од самата домашна лига, отколку од учеството во меѓународните натпревари. Стадионите во Англија се полни, повеќе или помалку на секој натпревар, без оглед дали е домашен (и со било кој клуб) или меѓународен. Зошто е тоа така? Главната причина е што Премиер лигата е високо компетитивна! Иако на крајот од секоја сезона најчесто споменативе шест се на водечките шест позиции, таму е можно секој од тимовите да го победи било кој друг клуб (еве пример од минатата недела – Арсенал по 19 натпревари без пораз, загуби 3:2 од Саутхемптон кој пак три месеци немаше ниедна победа). Исто така, преклани се случи клуб-аутсајдер, Лестер, да стане шампион (шансите за тоа на почетокот на сезоната им беа 1:5,000). Заради сето тоа, натпреварите се посетени од многубројна публика (најчесто скоро до полните капацитети на стадионите – просечна посетеност е 36,000 гледачи) и заради тоа, луѓето во целиот свет најмногу сакаат да ги гледаат натпреварите на Премиер лигата (се пренесува во 212 земји, за 643 милиони претплатници и потенцијално 4,7 милијарди гледачи). И заради тоа, најголеми приходи од ТВ правата завршуваат во таа лига (околу 2,7 милијарди евра во минатата сезона). И затоа – англиските клубови немаат потреба од Суперлига – на некој начин, веќе ја имаат во ликот на Премер лигата.

И пак, зошто е тоа така – зошто е Премиер лигата компетитивна (а другите не се)? Според познавачите, тоа е главно затоа што распределбата на приходите од ТВ правата (кои се мерат во милијарди евра) е многу побалансирана од другите лиги. Иако и тука, нормално, најуспешните добиваат најголем дел од „колачот“, распределбата е многу „поеднаква“ и сите клубови добиваат ист фиксен износ од околу 35 милиони фунти и дополнително уште околу 5 милиони од заедничкиот маркетинг, како и по 39 милиони од меѓународните преноси. Зависно од индивидуалната гледаност, инкасираат меѓу 12 и 32 милиони, а за секое место плус на табелата добиваат уште по 2 милиони фунти (последниот добива околу 2, а првакот – речиси 39 милиони фунти). Се на се, „најсиромашниот“ клуб пред-минатата сезона (Сандерленд) добил 93 милиони фунти, а шампионот Челзи околу 150 милиони. Заради ваквата поправична, или со други зборови – подемократска распределба на средствата, тимовите се покомпетитивни и кругот се затвора – лигата е поинтересна, гледаноста расте, а со тоа и приходите од ТВ правата.

И, да се вратам на насловот – каква врска има ова со демократијата? Мислам дека е јасна. Кога некој доминира (како во повеќето европски лиги), станува помоќен и финансиски, со тоа стекнува и поголеми права да ги диктира условите, па со тоа и да ја зголемува својата моќ, со тенденција да се стане автократ… и доколку не се препознае тоа и постапи демократски (да се остави простор на другите, по цена и да се загуби понекогаш), резултатот води и кон сопствена штета и губитоци.

За Јувентус зборувам, не за ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, а вие проценете дали секоја сличност е случајна или не!

Среќни и весели празници!

Преземено од: http://inbox7.mk

©2019 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search