И ТИ ЛИ (СИНЕ) СЈО?

Aleksandar KrzalovskiИ сето ова после неделата на случајот со руските пранкери и нашиот премиер, кој по вчерашните приведувања, притвори, претреси по домови и телевизии, одземања телефони на јавните обвинители и што уште не, изгледа далечно и се чини не толку важно.

Се надевам дека ќе е така – дека брзо ќе се заборави како непријатна епизода, која нема многу да ги наруши односите со соседите и земјите кон кои се стремиме (ЕУ и НАТО) – но, не верувам дека ќе остане на тоа. И самата потреба премиерот да се извини за тоа што го кажал, на претседателите на Србија и Косово, укажува дека работата не е ни оддалеку така мала и безопасна како што владината прес-служба се обидува да ја прикаже (дека не се нарушени односите со други земји, дека не се оддадени државни тајни, или дека само се потврдени ставови кои и јавно се искажувани). А и самите тие претседатели, покрај укажувањето дека тоа можело и требало да се спречи, т.е. воопшто да не се случи (да се стигне до телефонски разговор со претседател/премиер, без елементарна проверка на идентитетот на соговорникот), во своите одговори ја манифестираа нарушената доверба.

Со тоа, овој случај има најмалку две штетни последици. Едната е токму во она што оваа Влада долго го градеше и го истакнуваше како едно од своите најголеми достигнување – стекнување пријателства со соседите и пошироко и враќање на нарушениот углед на државата во ЕУ/НАТО заедницата. Соседите веќе реагираа дека со резерва ќе гледаат на таквото пријателство, кое ќе се сведе на куртоазни поздравувања, а посериозните држави (вклучително и Русија) одлучија и да не реагираат. Не верувам дека ова ќе влијае на процесот на наше зачленување во НАТО (сепак е примарно во НАТО интерес и Македонија да стане членка, а еве останаа уште само осум ратификации во националните парламенти), но секако неколку „веѓи ќе се поткренат“ на битни лица во НАТО, на нашиот однос кон безбедноста, вклучително и на комуникациите и третманот на информациите од сензитивен и доверлив карактер. Но, не верувам дека ова ќе остане незабележано во нашите обиди да добиеме датум за преговори со ЕУ, т.е. дека секако некои земји ќе го посочат овој случај како уште еден доказ за нашата неспремност за постигнување и придржување кон ЕУ стандардите, а со тоа и за почеток на преговорите за членство.

Втората штетна последица е понатамошно нарушување на довербата во институциите кај граѓаните на Македонија. Имено, пранкерскиот случај покажа отсуство на елементарни системи и процедури за проверка во најважниот кабинет во државава – премиерскиот. Претпоставувам дека и сите вие, како и јас, добивате повремени маил (а во последно време и смс) спам-пораки за некакви добивки на лотарија, или големи наследства на некои ликови во Африка – кои ете така случајно, баш нам ни ги оставиле своите милиони во наследство, па не се затрчуваме да ги дадеме своите податоци на непознатите ни „новооткриени пријатели“. Јас имам среќа да во мојата организација имам добри ИТ колеги, па кога некои такви пораки кои сепак се поинтелигентно направени (пософистицирани, многу поскромни од милионите во наследство, како на пример учество на некоја конференција на Обединетите нации во Лондон), но секако за цел имаат остварување на комуникација и оддавање на лични или други сензитивни информации, тие ИТ колеги ги проверуваат и често утврдуваат дека се работи за спам, односно лажни пораки или лажно претставување на одредени лица. Па кога сите такви обиди се спречени кај мене на работа, зачудува како такво нешто поминало во премиерскиот кабинет, каде што покрај својата, треба да се грижат и за безбедноста на сите нас, вклучително и на заштитата на нашите комуникации. Со овој случај чинам, довербата е нарушена и веројатно брзо ќе се рефлектира на следните анкети (и за доверба во институциите и за рејтинзите на партиите кои ги водат).

Кога сме кај довербата, да се вратиме на вчерашните драматични случувања. Не би се задржувал на коментари за лицата кои беа вчера приведени, а ноќеска и притворени, освен дека почнуваат да се разоткриваат фиктивните ликови од приказните (рекетарската сага) на новинарот Бранко Героски. Како што веќе истакнав во некои кругови на организации и институции кои се занимаваат со борба против корупцијата, се чини дека тој со тие неколку написи направи повеќе во таа борба, отколку сите тие организации (вклучително и мојата, во која работам) и институции. Се разбира, ако овој случај (и другите кои ги посочува во тие написи) се истераат до крај и завршат со потврда на обвинувањата и пресуди.

Она што е поголем проблем, е тоа што иако не се посочува директно, ниту се објавуваат конкретни имиња, истрагата очигледно оди во правец на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и укажува на можна вмешаност во коруптивни дејства и злоупотреба на положбата/функцијата и манипулирањето со сензитивните информации (особено нелегално прислушкуваните приватни телефонски разговори), вклучително на највисокото ниво (барем еден или двајца обвинители).

Ако се потврди криминална вмешаност на некој од обвинителите на СЈО во случајов (или во други), тоа дополнително ќе ја наруши довербата во таа институција, до тој степен, што веројатно ќе стане беспредметно и неговото постоење (а со тоа и небитна расправата за која премиерот закажа и лидерска средба за в петок). А таа доверба и така веќе беше нарушена. Од почетните над 60% доверба кај граѓаните (високи бројки со кои може да се пофалат само неколку институции низ годиниве, како армијата, полицијата и верските заедници), таа годинава падна до 44% (според анкетата на МЦМС), а според други понови анкети и до 36%. Евентуалната инволвираност во корупција, само ќе го продолжи овој тренд и брзо ќе ја сведе довербата кон СЈО на ниво на најниско рангираните институции како судството и политичките партии (кои традиционално се меѓу 20 и 30%).

За жал, уште повеќе од тоа, ќе ја „убие“ вербата дека е можно да се справиме со криминалот и високата корупција. Изгледа ќе се покаже дека беше во право еден мој мудар пријател (поранешен пратеник и министер) кој уште при формирањето на СЈО во 2015 беше скептичен дека ќе се постигнат очекуваните резултати, сметајќи дека Македонија нема капацитет да се справи со високата корупција. Логиката му беше едноставна. Ако навистина се украдени толку пари (шпекулациите одеа и се уште одат од рангот на 500 милиони евра, па се до 5 милијарди евра, во последните десет години), тие што ги украле ќе направат се (на пример, ќе платат колку што треба и кому треба) за да не бидат обвинети/осудени. Со вакви цифри, споменуваните во случајов „Рекет“ цифри од 1,5, 5 па и 8 милиони евра, изгледаат како „мала жртва“.

За жал, зошто со таква разврска, а која веќе изгледа извесна, некои и од најголемите борци против корупцијата, веќе најавуваат „пакување куфери“ и заминување од земјата, со зборовите од насловот на овој текст – зар и ти (сине) СЈО?

Покрај можното „запечатување на судбината“ на СЈО (сеедно дали со политички договор на партиите или со целосното нарушување на довербата и делегитимизација), овој случај можеби ќе влијае и на фамозниот „датум за преговори“ кој го очекуваме во октомври. Можеби некои ќе го толкуваат позитивно (демонстрација на државата и нејзиниот правосуден систем да се фати во костец во високата корупција), но се плашам дека за повеќето (земји членки на ЕУ), ова ќе биде уште една причина да „почекаме во чекалната“ уште некое време.

Да видиме! А можеби и сето ова погоре ќе се покаже како непотребно стравување – нели, истрагата се уште е во тек.

Преземено од: http://inbox7.mk

©2019 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search