Вести

Говор на омраза – дијаспора и фрустрации

ICЛиберализацијата во јавниот простор и поместувањето на сферата на масовно информирање на интернет и популарните социјални мрежи, во Македонија, како и во многу други земји, отвори широки можности за манифестирање на невистини, предубедувања и закоравени мислења што одбиваат да прифатат какви било проверени факти.
Едновремено, во јавната комуникација мошне лесно се посегнува кон негативни и негаторски ставови, заканувачки содржини и постојан натпревар во злорадосно спуштање на нивото под секаков вид минимум покажување респект кон соговрникот. Многумина се исполнуваат со благопријатни чувства и вистинско задоволство штом ќе ја откријат “вештината“ дека зборовите на Фејсбук можат да се користат како мошне мали, но сепак убиствени дози на арсеник.
Веројатно не постои некоја поостра линија на конфронтација, проследена со длабоки фрустрации и предрасуди, каква што е енормната енергија што веднаш се ослободува меѓу македонските граѓани штом ќе се најде макар и најмал подвод за фронтален напад, отфрлање, потеценување и здушно настојување на иселениците да им се покаже каде се наоѓа “црвената линија“ која за нив треба да им се постави како висока брана – и, всушност, забрана да се мешаат во политиката и државните прашања во татковината.
Последните реакции и коментари во однос на иселеничките демонстрации поврзани, меѓу другото, со името на државата, покажаа една неверојатна исклучивост и подготвеност, колку спонтана толку и оркестрирана, за произведување нетрпеливост и конфликти на социјалните мрежи, со основна цел да се продлабочи јазот и да се прошири дистанцата со која дијаспората ќе се држи на сигурна оддалеченост од земајата што по сопствена волја и желба ја напуштиле. Таквиот пристап на сеење омраза и поделби има свој повеќедецениски континуитет и воопшто не претставува некаков нов начин на водење политика во однос на дијаспората, но во изминатата деценија партискте емисари на претходниот режим, заедно со разните задгранични комитети и разграноци, внесоа целосна конфузија и нетрпеливост во исленичките средини и организации, кои со поголем или помал успех се обидуваат да ги репрезнтираат интересите на дијаспората.
Во една осиромашена, и според многу показатели девастира земја како Македонија, чие национално ткиво постојано се троши и истенчува со масовното иселување кое во последните години добива загрижувачки димензии, таквите партиско-популистички политики и неодговорното затворање на очите пред проблемот што наоѓа плодна почва во прикриените или сосем отворени партиски пропаганди, не можат да се окарактеризираат на друг начин освен со трагичен предзнак на вештачко креирање конфликти и манипулирање со чувствата на обичните луѓе – и нивните лични несреќи што ги натерале да се иселат или да останат во својата земја.
И едното и другото во секој случај не претставува никаков посебен квалитет што некому му дава за право за себе да ја приграби улогата на супериорност во прогласдувањето на анти-Македонци, предавници, продадени души со туѓи имиња, неописменети простаци кои не го надраснале своето селско потекло.
Од такво аргументирање, при што едноставно не се ни помислува барем за миг да се покаже воздржаност од изнесување на навреди, понижувања, закани и остри немотивирани осуди, може да се почувствува само мачнина, поради која многумина припегнуваат кон автоцензура и постепено “бегство“ од либерализираните социјални мрежи. Многумина едноставно ја напуштаат играта во која основно средство станува подбуцнување на нетолеранција, мизерни дисквалификации и заплашување.
Социјалните мрежи денес функционираат пред се како поле за говор на омраза, разсизам, шиканирање и свесна намера на нанесување навреди  и понижувања (animus iniurandi). И политичарите и новинарите во таа смисла би требало час поскоро да поминат низ една искрена интроспекција. Бидејќи токму вистината во актуелниов миг е централната вредност која за политичарите или за медиумите е силно девалвирана.
Зборот мора да остане слободен. Слободата на говорот и понатаму треба да биде тоа што е – слобода! Но да се користи зборот за подбуцнување врз каква било етничка, политичка или религиозна основа, со криминални цели или со намера за заплашување, не би требало да поминува без никакви конскевници. Ако лагата подобро се продава од вистината, и успешно служи за одржување на статус-кво состојби и поддршка на нечии сомнителни политички агенди, тогаш се зголемува и бројот на медиумите кои се подготвени без многу премислување да шират токму – лаги и невистини.
Доналд Трамп во предизборната кампања во декември 2015 година изјави дека би сакал да го затвори интернетот, или барем делови од него. Многумина, барем во темните мигови на своите размислувања, веројатно помислуваат дека Трамп е во право. Но отакако беше инаугурариран за претседател на САД, тој не ги повтори тие зборови. Барем засега, можеби, имајќи ја предвид неговата непредвидливост.
Преземено од: http://plusinfo.mk

© 2017 - 2019 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search