Вести

„Годишно околу една милијарда евра од дијаспората влегуваат во Македонија“

Ademi

Република Македонија како држава има долга традиција на иселување на населението во различни земји од светот, каде што граѓаните мигрираат поради различни причини, но најчесто поради економските.
Во бројни држави во светот живеат луѓе по потекло од Република Македонија, кои своите семејни, традиционални и културни врски ги одржуваат со земјата од која потекнуваат.
Едмонд Адеми е министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за дијаспора. Во разговор за Anadolu Agency (AA) зборуваше за важноста на дијаспората, нејзините потреби и проблеми, но и за активностите кои тој како министер и Владата на Република Македонија ги спроведуваат за поврзување на дијаспората со земјата, не само од културен, туку и од економски аспект.
Како што истакнува мнистерот Адеми во разговорот, не постои конкретен статистички податок во која држава колку иселеници од Македонија има точно, постојат различни инфомации, но како што вели тој, претежно, дијаспората од Македонија живее во неколку европски земји, меѓу кои Германија, Швајцарија, Италија, Австрија и Шведска, додека во другите европски земји ја има во помал број, а на другите континенти, во Канада, САД и Австралија, исто така, живее бројна дијаспора која потекнува од Македонија.

- Институционален пристап за решавање на проблемите на дијаспората -
Министерот Адеми нагласува дека за прв пат една Влада во Македонија именувала министер задолжен за дијаспора, од пред повеќе од година откако е формирана новата Влада, со што е започната соработка со организациите на дијаспората, но и директно со луѓето.
Од разговорите со дијаспората, Адеми вели дека најчестите потреби на дијаспората се од административен карактер.

„Најчести потреби се административните прашања, дали издавање документи, пасоши и други работи, но и поддршка за активности во делот на културните и образовните активности, изучување на мајчиниот јазик... Се разбира, тука во делот на економскиот концепт околу инвестиициите, потребите се различни зависно од држава до држава, меѓутоа генерално, она што може да се заклучи, во изминатите 25 години, но пред сè во 11-те години, дел од дијаспората беше злоупотребена за политички и партиски цели за изборите и немаше еден институционален пристап за решавање на тие нивни проблеми“, истакнува Адеми, додавајќи дека сега по една година од неговото министрување го обликуваат процесот за соработка со дијаспората, но објаснува дека е потребно уште многу работа и напори за да биде на потребното ниво.

- Заедничко делување на дијаспората -
Министерот Адеми вели дека како во Македонија, така и во дијаспората, граѓаните по потекло од оваа држава се поделени по етничка припадност, но тој нагласува дека би сакал да види поголема соработка меѓу дијаспората, на сите граѓани по потекло од Македонија, без оглед на етничката припадност.
Пренесувајќи ги неговите искуства, во разговорот Адеми вели дека има градови и држави каде што дијаспората заеднички делува и има соработка, но вели дека тоа се неколку случаи.

„Поделбите во Македонија во изминатите 27 години по етничка основа, исто така, се рефлектираа и надвор, можеби и повеќе отколку внатре, но сè уште има во дијаспората луѓе од двете поголеми етнички заедници од Македонија и од помалите заедници по потекло од Македонија, кои соработуваат во различни проекти и активности, така што дури сега имаме и организација во дијаспората која е мултиетничка, Форумот за демократска Македонија, во која членуваат Македонци, Албанци, Турци, Срби и Роми, и верувам дека полека, полека, оној концепт што го имаме внатре како Влада, да градиме едно општество еднакво за сите, ќе може да се рефлектира и во дијаспората”, истакнува Адеми.

- Канцеларии за соработка со дијаспората во општините во Македонија -
Од средбите со луѓето од дијаспората пренесува дека прв проблем со кој се соочуваат тие е дека кога доаѓаат да завршат некое административно и бирократско прашање, прво нешто со што се соочуваат е немањето доволно информации каде да се обратат за определено прашање. Поради тоа, Адеми ја истакнува потребата од отворање канцеларии за соработка со дијаспората во општините во Република Македонија.
Водени од искуствата од земјите во кои живеат, луѓето од дијаспората најчесто се обраќаат во општините во кои се наоѓаат, бидејќи општината им е како центар за сите активности што треба да ги завршат, затоа како што вели Адеми, сметале дека е добро да има канцеларии за дијаспората, во рамките на кои можат да добиваат точни информации, кое прашање или кој проблем во која институција да го решат, сè со цел да не губат време шетајќи по институции и по шалтери, туку да им се овозможи поголемиот дел од своето време да можат да го поминат со своите најблиски, а не времето за престој да го трошат на бирократски процедури низ државата.
Во тој контекст објаснува министерот задолжен за дијаспора, Прирачникот за иселениците кој неодамна го промовираше Агенцијата за иселеништво на Македонија, е од голема корист за дијаспората и содржи корисни информации од кои тие имаат потреба.

„Една од активностите што ги имавме е промовирањето на Прирачникот, тоа е проект на Агенцијата за иселеништво, со конкретни прашања и конкретни одговори, во смисла ако ви треба издавање документација во која институција да најдете, и некои практични информации кога доаѓаат во Македонија каде да се пријават, некои практични информации што ќе бидат од корист за нив кога доаѓаат во земјата”, објасни Адеми.

- Од политичкиот договор на партиите зависи каков ќе биде изборниот модел -
Во однос на промената на изборниот модел и улогата на дијаспората во политичките процеси во Република Македонија, министерот Адеми вели:

„Изборниот закон предвидува можност дијаспората да гласа, тоа беше прв пат во 2011 година, во 2014 и во 2016 година, можноста останува како таква, дијаспората да гласа, пред сè се мисли на оние што имаат државјанство на Република Македонија. Дали ќе гласа во посебна изборна единица надвор како што е сега 6+1, или ќе гласа, меѓутоа гласовите ќе се влеваат во вкупниот број гласови овде во Македонија, ќе зависи многу од политичкиот договор меѓу политичките партии околу измените за изборниот модел, за што ние како владејачка партија и како Влада се залагаме за една изборна единица, наместо шест региони, на тој начин дијаспората и ако гласа, тие гласови ќе се влеваат во вкупната бројка овде во Македонија”.
Тој додава дека правото на глас на луѓето што живеат во дијаспората, а имаат државјанство на Република Македонија, останува, но останува да се види како ќе одлучат политичките партии, дали ќе остане како досега, со шест изборни едници во Македонија и една надвор од државата за дијаспората, или пак, Македонија ќе биде една изборна единица.
Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратешко партнерство предизвика различни реакции кај граѓаните во Македонија, но и во дијаспората. Адеми наведува дека дел од дијаспората не го прифаќа овој договор и тоа го кажува јавно, но има и дел од дијаспората која договорот го смета за позитивен исчекор за Македонија, бидејќи со него, како што вели тој, се отвора патот кон ЕУ и кон НАТО, што се стратешки цели на Македонија.

„Во самиот процес околу членство во НАТО и во ЕУ, апсолутно тука дијаспората во тој процес може да одигра важна улога во лобирањето и процесите внатре.Од друга страна, за мене би било малку несвојствено, да живеете во држава членка на НАТО и ЕУ, а да бидете против вашата матична земја да биде членка во истите тие организации. Мислам дека Договорот со Грција е огромен исчекор напред, зашититен е во целост идентитетот македонски, јазикот и културата, дијаспората максимално треба да го искористи овој момент и во позитивна насока, за да може Македонија уште побрзо да се движи напред“, смета Адеми и порачува дека граѓаните на референдумот ќе имаат можност лично да се изјаснат за Договорот со Грција.
Додава дека актуелниот Закон за референдум не предвидува за дијаспората да има гласачки места, односно тие што се со државјанство на Република Македонија имаат право да гласаат, но во оваа ситуација тие ќе мора да дојдат во Македонија.
Актуелниот Закон за референдум, како што вели Адеми, не предвидува отворање гласачки места во дијаспората како што е случај за парламенарните или претседателски избори. Тој објаснува дека доколку има измени во овој дел, јавноста ќе биде навремено информирана.

- Околу една милијарда евра од дијаспората влегуваат во Македонија -
„Улогата на дијаспората во поглед на економијата во Република Македонија е од голема важност“, вели министерот Адеми, објаснувајќи дека Владата направила напори за поддршка на инвестициите што доаѓаат од дијаспората.

„Економскиот сегмент е исто многу важен, и во тој дел од она што официјално како податок постои во Народната банка е дека на годишно ниво помеѓу 460-500 милиони евра влегуваат официјално, по тие банковни канали, или преку трансфер на пари. Меѓутоа, неофицијално, бројките одат и до една милијарда, што е огромен капитал кој влегува во Република Македонија“, истакнува Адеми.
Информира дека неодамна Владата на Република Македонија како поддршка на процесите на инвестициите, донела и Закон за поддршка на инвестициите, кој Парламентот го усвоил, каде што за прв пат покрај странските и домашните инвеститори што ќе добиваат поддршка од државата во зависност од инвестициите, и инвеститорите од дијаспората се ставени посебно.

„Постои и член во Законот, за поддршка на инвестициите (член 33), каде инвестиции од дијаспората. покрај субвенции што ќе ги добиват ов вкупниот план, ќе добиваат дополнителни 10 отсто поддршка од државата доколку решат да инвестираат во Македонија и ова е една конкретна и директна поддршка на нашите инвеститори од дијаспората во правец на економското раздвижување на државата“, објаснува Адеми.

- Соработка со организации на дијаспората -
За соработката и контактите со организациите на дијаспората по потекло од Македонија во земјите во странство, Адеми вели дека каде и да оди во текот на тие посети, воспоставил систем и има средби со институциите на државата, со цел да ги пренесе потребите и пораките на дијаспората.

„Се среќавам и со организации македонски и со организации на Албанците од Република Македонија кои живеат таму. Со Обединета македонска дијаспора (ОМД) сум имал доста средби и контакти, комуницираме. Меѓутоа ОМД реши по донесување на Законот за јазици да ја прекине комуникацијата со Владата на Република Македонија и оттогаш формална комуникација сме немале”, вели Адеми.
Запрашан за културните центри на Македонија во земјите во странство, министерот Адеми истакнува дека постои недостаток на културни центри и дека е предвидено во иднина да постојат повеќе такви институции.

„Апсолутно има недостаток на културни центри. Сега за сега има три, во Њујорк, во Софија и во Истанбул. Согласно Националната стратегија на Министерството за култура, меѓу другото е предвидено отворање културни центри во други градови, како Загреб, Љубљана, можеби и во некои други градови, потребата за отворање културни центри е важна и потребна и се разбира, како Влада ќе се насочиме да отвораме такви центри во оние земји и во оние градови каде што концентрацијата на нашите луѓе што живеат таму е поголема”, истакна министерот Адеми.

- Пописот да се гледа како статистичка, а не како политичка операција -
Во однос на важноста на спроведувањето на пописот на населението во Македонија, министерот Адеми нагласува дека пописот е важен од многу аспекти.

„Пописот, за жал, во Македонија генерално се гледал како политичка операција, а треба да се гледа само како статистичка операција. Во смисла, е важен документ не само колку население имаме, туку пописот претставува правец на движење на државата и развој на државата во многу други сфери, но и поради таквите калкулации во 2011 пропадна. Она што е важно за нас како Влада и се работи во тој правец, со методологијата на ЕУРОСТАТ пописот да биде без никакви партиски влијанија и нечии лични желби, верувам дека во тој дел кога ќе се воспостави медотологијата ќе се знае точно кои се тие статистички единици што ќе бидат регистирани во пописот што ќе се одржи во 2020 година“, вели Адеми.

- Покана од Владата на Турција за посета на дијаспората од Македонија -
Тој напоменува дека Македонија има своја дијаспора и во Република Турција и информираше дека од турската Влада има покана за организирање средби со дијаспората од Македонија што живее во оваа земја.

„Македонија и Турција се две пријателски земји долго време. Турција е голем подддржувач на Република Македонија во сите процеси и знаеме дека има еден огромен дел со генерации, граѓани на Република Македонија, кои живеат и работат во Турција. Јас неодамна, пред две-три недели, имав покана од турската Влада за посета на Турција и за организација на средби со нашата дијаспора", вели министерот Адеми додавајќи дека очекува да ја реализира посетата и да се види и со официјалните луѓе на Владата на Република Турција и со организациите на луѓето кои се по потекло од Македонија, а живеат таму.
Преземено од: https://www.aa.com.tr

©2018 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search