Вести

Германија ни ги собра лекарите и инженерите, на ред се мајсторите

Без да наведат конкретни бројки, вчера агенциите лиферуваа соопштение на германската Влада, според кое таа го проширува системот на шестмесечни визи, со што ќе им овозможи на луѓе вон ЕУ да побараат работа

Германија повторно станува елдорадо за балканските работници. Невработените и незадоволните од статусот и платата од Македонија и од другите земји од регионот и без факултетска диплома сега можат да се обидат егзистенцијата да си ја обезбедат во оваа најразвиена земја од ЕУ.

Без да наведат конкретни бројки, вчера агенциите лиферуваа соопштение на германската Влада, според кое таа го проширува системот на шестмесечни визи, со што ќе им овозможи на луѓе вон ЕУ да побараат работа.

– Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека визите што сега се достапни само за луѓе со високо образование, ќе бидат проширени и на лица со квалификации за одредени професии. Тој сепак, истакна дека Германија не сака “имиграција во системот на социјално осигурување# така што подносителите на барање за виза ќе мора да докажат дека можат сами да се издржуваат и дека зборуваат германски, стои во веста.

Ова се случува во момент кога германските власти се соочуваат со недостиг од квалификувана работна сила. Практично, работодавците се во очај, зашто најновите статистички податоци покажуваат дека минатиот месец е достигнато најниското ниво на невработеност од 1991 година наваму. Бројот на невработни е намален на 2,26 милиони, а истовремено бројот на оние кои бараат работа е намален за 94 илјади во однос на минатиот месец и за 192 илјади од истиот месец лани.

– Невработеноста сега е пет отсто. Бројот на работни места за кои се плаќаат социјални придонеси расте, а продолжува и побарувачката за вработување, изјави шефот на Агенцијата за вработување Детлеф Шеле.

Неодамна во Германија се донесе закон со кој се олесни вработувањето и се подобри статусот и на работниците со високо образование, кои доаѓаат од други земји.

Можноста да се заработи повеќе отколку дома е причина голем број македонски граѓани да заминат на работа во Германија. Со договор за работа, кој го потпишуваат со посредство на специјализирани агенции од Македонија или Германија или преку директно аплицирање во германскиот звод за враоботување, тие ја добиваат визата за работа.

Претходно, ги посетуваат школите за странски јазици во своите градови, каде што добиваат дипломи за познавање на германскиот јазик до оној степен што го бара работодавецот. Нема точни податоци колку гастербајтери ја напуштиле нашата земја, но се знае дека последнава деценија, во иселувањето предничат медицинските сестри, негувателките на стари лица, лекарите, математичарите, информатичарите и лицата со дипломи од техничките факултети, зашто такви кадри беа најбарани во Германија.

Сега вратата се отвора пошироко и за квалификувани работници. Еден од поновите огласи за вработување на кој можат да аплицираат тие е од компанијата Ланфер Логистик ГмбХ , која има канцеларии во градот Мапен. Се бараат професионални возачи на камиони за подолги релации. Како што е објавено во огласот, се нуди плата од 2.200 до 2.500 евра.

Но, иако обваа понуда изгледа примамливо, неодамна објавена анализа на “Дојче веле# ги спласнува емоциите. Според пресметките на овој медиум, кога ќе се собере и одземе се, ја нема екстра заработувачката за која впрочем се пакуваат куферите и се преминуваат границите. Според таа анализа, градежните инженери, кои се многу барани во Германија, заработуваат околу 3.000 евра бруто, а отприлика тоа е 2.000 евра нето. Толкава е заработувачката и на архитектите. Лекарите и математичарите добиваат 600, а информатичарите по 300 евра повеќе од нив. За келнерите, готвачите и фризерите месечната плата е само 1.000 евра, но тие плус го имаат и бакшишот. Автомеханичарите, електричарите и молерите се малку подобро платени од нив, па заработуваат по околу 1.300 евра месечно. Бруто плата од 2.400 евра, или нето околу 1.600 евра имаат искусните негувателки и медицински техничари, кои од земјите од Југоисточна Европа во последно време во Германија ги има се повеќе.

– Од тие пари, на стан и трошоци, зависно од градот на живеење, одат најмалку 600 евра. За храна во просек се издвојуваат 280 евра по човек, додека месечна карта за јавен превоз чини 50 до 100 евра. Во паричникот значи, не останува баш премногу, пишува “Дојче веле#.

Но, другата страна на оваа теза, која е и причина привремено или засекогаш да се напушти татковината е дека во Македонија со просечната плата од околу 400 евра не само што во паричникот не остануваат пари, туку во него нема доволно за да се истурка месецот!

Освен ова, невработеноста во нашата држава се уште е многу голема. Според последните податоци на Државниот завод за статистика во вториот квартал од годинава стапката на невработеност и понатаму надминува 20 и изнесува 21,1 проценти. Во Македонија како невработени се регистрирани над 202 илјади лица, а според вчерашната објава на веб-страницата на Агенцијата за вработување активни се околу 9.000 огласи за вработување .

Најчесто во текот на едне ден се објавуваат по 5.000 до 7.000 огласи, кои траат по неколку дена. Најбарани занимања се чистачи, продавачи, општи работници, шивачи, таксисти… Според огласите, работодавците на новите вработени речиси без исклучок не им нудат повеќе од законски загарантираната минимална плата од 12.000 денари.

Преземено од:https://mk-in.de/

©2018 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search