Вести

„Сината карта“ - сигурен билет за работа и живот во Германија

EU 04.12.2018

Веќе пет години „сината карта“ (Bluecard) на луѓето што живеат надвор од Европската Унија им овозможува живот и работа во некоја од земјите-членки. Начинот на доделување „сина карта“ во Германија е воведен во август 2012 година. Со него се утврдува кои услови мора да бидат исполнети од одредена личност што се пријавува за „сина карта“: личноста мора да има потврда за високо стручно образование признато во Германија, како и потврда за работа. Притоа, годишната заработка не смее да биде помала од 50.800 евра годишно (за таканаречените дефицитарни професии доволна е годишна заработка од 39.624 евра). Најмногу се бараат математичари, информатичари, инженери, луѓе што завршиле природни науки, но и доктори, особено стоматолози.

Во првата половина на 2017 година во Германија со помош на оваа карта работа пронашле 11.034 луѓе, велат информациите на Сојузната канцеларија за бегалци и миграција. Според податоците од канцеларијата, „сината карта“ е сè поомилена. Во текот на 2016 година, 17.362 луѓе добиле ваква карта, а во текот на 2013 година, откако била воведена, со помош на оваа карта 11.290 луѓе добиле можност за работа во Германија.

Атрактивни можности

БАМФ во 2016 година спровел истражување кое покажало позитивен тренд кога станува збор за воведување „сина карта“. Поранешниот шеф на Сојузната канцеларија за миграција, Френк-Јирген Вајзе, изјави тогаш дека истражувањето покажува дека Германија нуди атрактивни можности за висококвалификуваниот кадар и дека бараната работна сила знае тоа да го искористи.

За потребното истражување, Сојузната канцеларија за миграција ја испитала ситуацијата кај 4.340 сопственици на „сината карта“ – 89 отсто од нив имаат професија што во Германија е дефицитарна, што значи дека тоа се инженери, информатичари, доктори, математичари, физичари, хемичари. Секој трет навел дека сака да остане постојано да живее во Германија, 39 отсто изјавиле дека имаат намера да останат во наредните 10 години, а 22 отсто изјавиле дека сакаат да останат помеѓу пет и десет години. Инаку, повеќето од луѓето со „сина карта“ во Германија потекнуваат од Индија. Потоа од Кина, Русија, Украина и Сирија.
Преземено од:https://mk-in.de

©2018 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search