Миграции

Сиромашните се иселуваат и во ЕУ

ivica celikovic

Во Македонија политичките лидери, и од власта и од опозицијата, често испраќаат пораки дека се неопходни сериозни заложби и реформи во општеството што ќе го запрат иселувањето, посебно кога станува збор за одливот на високообразувани кадри.

Бројките што го покажуваат иселувањето на жителите на ЕУ во потрага по работа и подобар живот во други земји-членки, е во постојан пораст. Според најновите податоци што ги објави Евростат, најинтензивни миграции на работна сила, иако има и извесни исклучоци, се случуваат од посиромашните источноевропски кон западните ЕУ-членки. Лани само нешто повеќе од еден отсто од граѓаните на Германија, Велика Британија, Шведска и Франција живееле во други европски земји.

Но, гледано во целина, актуелниот тренд покажува зголемено иселување, при што на врвот на табелата убедливо се издвојува Романија со речиси 20 проценти од работноспосбното население што ја напуштило земјата. 14 проценти од граѓаните на Хрватска и 12,5 проценти од граѓаните на Бугарија на возраст од 20 до 64 години лани биле регистрирани како жители во други земји-членки на ЕУ.

Со испитувањата на Евростат не се опфатени и земјите од Западен Балкан со кандидатски статус за членство Унијата, како Македонија, иако е сосема извесно дека интензивниот тренд на мигрантските движења ни најмалку не ги заобиколува ни овие земји. Во Македонија политичките лидери, и од власта и од опозицијата, често испраќаат пораки дека се неопходни сериозни заложби и реформи во општеството што ќе го запрат иселувањето, посебно кога станува збор за одливот на високообразувани кадри. Мерките што се преземаат во таа насока, со цел за зајканување на еконмскиот раст, подобрување на животниот стандард и отворање на нови работни места со пристојни плати, се уште не покажуваат позначајни ефекти за да ги одвратат луѓето од потрга по подобар живот во странство.

За споредба би можело делумно да се земе примерот со Хрватска, која членка на ЕУ од 2013 година, но во периодот од зачленувањето па до 2017 година иселувањето од оваа земја кон други ЕУ-членки се зголемило за речиси четири отсто. Станува здодевно кога Европската комисја постојано потестува и папагалски повторува дека зчаленувањето во ЕУ не претставува цел сама по себе, туку, пред се, како предуслов се подразбира суштинско усвојување и имплементирање на европските ведсности, што, меѓу другото, се однесуваат на слободата на медиумите и изразувањето, на слободните и фер избори,  на владеењето на правото и независноста на судството, депратизацијата на општеството, како и на борбата против корупцијата и криминалот.

Во Романија состојбите се уште подраматични, доколку таму и постои некоја посериозна загриженост околу “празните стомаци“ кои ја фаќаат првата шанса да ја напуштат земјата. За разлика од 2007 година, кога Романија беше примена во полноправно членство на ЕУ, бројката на ромаснки граѓани кои живеат во други ЕУ-членки лани беше поголема за преку 12 отсто. За таквата слика несомнено сведочи и масовното питачење во скандинавските и другите западноевропски градови од страна на романски и бугарски Роми, кои на таков начин легално го ползуваат правото на слободно движење на работна сила на подрачјето на ЕУ, обидувајќи се едновремено да најдат и подобар начин за подостоинствено преживување. Ова прашање веќе подолго време го следат и низа политички контроверзи и остри спротивставувања, на линија од либерланиот пристап кон основните човекови права па до барања за забрани и рестрикции, околу што политичките партии во западните европски земји се почесто дебатираат во жолчна атмосфера.

Каква би била разликата по приемот на Србија и Македонија во ЕУ? Би било далеку од вистината да се тврди дека, на пример, од Србија се иселуваат главно припадници на ромската националност. Според официјалната статистика, во Србија има околу 150.000 Роми, но во стварноста таа бројка се движи меѓу 400.000 и 600.000, со оглед на тоа дека некои од нив не се воопшто регистрирани како жители, некои се преселиле од Косово во Србија, додека други се иселиле или пак се вратени назад како илегални имигранти од некоја ЕУ-членка. Според организацијата „Иницијатива за економски и социјални права“, мнозинството Роми во Србија живееат во  нехигиенски населби, во најобични брлози, без струја и вода, така што не е тешко да се претпостави дека многумина од нив, по влезот на Србија во ЕУ, топло би го приграбиле својот европски пасош, обидувајќи се да ја напуштат мизеријата што со децении е нивна судбина на маргините на општеството. Ситуацијата не е подобра и во Македонија, каде што живеат над 50.000 припадници на ромската заедница, од кои голем број поради сиромаштијата и тешките животни услови излезот го бараат во странство.

Но, што се однесува до македонските граѓани, за дел од нив не постојата формални пречки за движење во рамки на Шенген-зоната, бидејќи ги користат бугарските патни исправи и добиваат жителство и право на престој и работа во западните ЕУ-членки како ЕУ-граѓани од Бугарија. Во европската статистика тие се сортирани под графата за емигранти од Бугарија и како такви учествуваат со процентуален придонес во бројката на бугарски државјани што живеат во други ЕУ-членки, а која во изминатите десетина години е зголемена за осум проценти. Според разни податоци, над 70.000 македонски граѓани се здобиле со бугарско државјанство.

Во свечените изјави дека се прават напори за усвојување на европските вредности на подрачјето на Западен Балкан на патот кон ЕУ-интеграциите, малку се зборува и зајакнувањето на свеста околу – работниот морал. Но, тоа не е нешто што недостасува и функционира токму во духот на народната мудрост, дека на лозјето не му е потребна молитва и политика, туку мотика. Искуствата несомнено покажуваат дека навистина функционира, и тоа мошне пристојно и ефикасно, штом иселеничкиот багаж ќе се растовари некаде во странство.

Преземено од: https://plusinfo.mk

© 2017 - 2021 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Барај