Миграции

Сашко Коцев: Македонија сѐ уште е само транзитна земја за бегалците и барателите на азил

Sasko Kocev marri

Вкупниот број македонски државјани кои се вратени во Македонија преку асистирано доброволно враќање и реинтеграција (АДВР) во 2018 изнесува 1.445 лица, од кои најголемиот дел (повеќе од 90%) се повратници од Германија, вели во интервју Сашко Коцев, директор на Регионалниот центар на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ).

Големата бегалска криза со која се соочија балканските земји пред околу две години беше сериозен тест за властите на земјите од таканаречената балканска рута по која секојдневно минуваа илјадници бегалци и мигранти. Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) во која членуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Црна Гора и Србија, одигра значајна улога во справувањето со оваа криза нудејќи им на владите на овие земји помош при усогласување на правната рамка со законодавството на ЕУ, во изградбата на институции и персонал, како и во размената на информации. За проблемите со кои се соочуваат бегалците, за капацитетите на балканските земји да се справат со бегалските кризи, но и за можните решенија за ублажување или надминување на проблемите во вакви ситуации разговаравме со Сашко Коцев, директор на Регионалниот центар на МАРРИ.

Имате ли проценка колку бегалци и мигранти минаа низ балканската рута во тој период?

– Утврдување на точната бројка на бегалци и мигранти кои транзитираа низ балканската рута во периодот од 2015 до 2017 година претставуваше предизвик за сите засегнати страни кои беа вклучени во справувањето со зголемените миграциски движења. И покрај напорите вложени од страна на државните институции на МАРРИ учесничките (Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Црна Гора и Србија) да ги регистрираат сите лица кои поминуваа низ балканската рута, во моментов немаме официјална сеопфатна бројка за целиот регион. Официјални информации за регистрирани бегалци и мигранти на национално ниво постојат во секоја од МАРРИ учесничките, но бројките не се совпаѓаат секогаш.

На пример, во Македонија во периодот од јуни 2015 до март 2016 година, граничната полиција регистрираше 477.856 лица на кои им беше издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за азил. Најбројни беа лицата од Сирија (260.891), потоа од Авганистан (122.237) и Ирак (73.321). Врз основа на искажаната намера, мигрантите и бегалците можеа да поднесат барање за азил или да ја напуштат државата во рок од 72 часа. Во истиот период, барање за азил до Секторот за азил на МВР поднеле само 115 лица. Во Србија пак, во 2015 година им беа издадени потврди за искажана намера за поднесување барање за азил на 579.518 лица.

Важно е да се напомене дека овие бројки ги опфаќаат оние бегалци и мигранти кои биле во контакт со државните власти и кои биле регистрирани. Меѓутоа, за време на кризата, во услови кога капацитетите на националните министерства и институции беа исцрпени, еден дел од мигрантите и бегалците од различни причини не беа регистрирани. Затоа, меѓународните организации и локалните граѓански организации кои беа вклучени справување со кризата, проценуваат дека близу еден милион бегалци и мигранти ја поминале балканската рута во 2015 и во 2016 година.

Постои ли статистичка база на податоци од која може да се црпат информации и заклучоци за состојбата со бегалците и мигрантите во регионот?

– Во моментов постојат неколку извори од каде можат да се црпат податоци. Имено, меѓународните организации УНХЦР и ИОМ редовно објавуваат извештаи за состојбата на бегалците и мигрантите во регионот кои вклучуваат и статистички податоци. Исто така, европската агенција Фронтекс преку редовните анализи на ризик известува во однос на состојбата на балканската рута. Меѓутоа, овие информации се прибираат од различни извори, а само дел од нив се официјални податоци на самите МАРРИ учеснички.

Од таа причина, MАРРИ со поддршка на ИОМ и Европската Унија ја развива Регионалната платформа за размена на миграциски статистики на Западен Балкан (WB – MIDEX) која ќе им овозможи на МАРРИ учесничките да разменуваат не-лични статистички податоци од областа на миграциите. Имено, WB-MIDEX платформата ќе функционира така што државните заводи за статистика, како и соодветните одделенија од министерствата за внатрешни работи на МАРРИ учесничките ќе внесуваат миграциски статистички податоци во однапред дефинирани обрасци, кои се во согласност со стандардите на Европската унија. По поднесувањето, овие податоци ќе бидат јавно достапни со што ќе овозможиме на сите оние кои се заинтересирани или имаат потреба од официјални миграциски статистики, лесно да пристапат до нив.

WB-MIDEX платформата ќе содржи сеопфатни податоци за миграцијата, вклучувајќи ја регуларната миграција, нерегуларната миграција и меѓународната заштита. Оваа платформа ќе биде управувана и одржувана од страна на МАРРИ Регионалниот центар, а се очекува официјалната размена на податоци да почне на почетокот на 2020 година. По првичната размена на податоци, се надеваме дека до 2021 година, МАРРИ Регионалниот центар ќе обезбеди доволно податоци за да подготви регионален миграциски профил, каде ќе бидат истакнати трендовите и состојбата со миграциите во регионот.

Што покажуваат податоците, дали поголемиот дел од мигранти и баратели на азил се лица кои бегаат од воени подрачја или станува збор за економски мигранти чија крајна дестинација е Западна Европа?

– Кога станува збор за мигрантите и бегалците кои поминаа низ регионот на Западен Балкан, тешко е да се добие вистинската слика затоа што во голем број случаи не може да се утврди нивниот вистински идентитет. Сепак, официјалните статистички податоци покажуваат дека поголемиот број потекнуваат од воените подрачја, пред сѐ, од Сирија. Но без оглед на причината, за сите оние кои ќе ја достигнат крајната дестинација или остануваат во некоја од транзитните земји и имаат регулиран престој, се поставува прашањето за нивната интеграција и вклучување на пазарот на труд.

Интересна проблематика на која малку е работено во последниве години е циркуларната миграција во регионот на Западен Балкан затоа што сѐ уште не постојат билатерални договори помеѓу учесничките на МАРРИ со кои би се регулирала соработката по прашање на економските миграции. МАРРИ, во согласност со својот мандат, планира да го иницира процесот на преговори и да посредува во склучувањето на договори кои ќе го прошират пазарот на трудот на регионално ниво.

Според искуствата од минатите години, имате ли дефинирано кои се најголемите слабости на земјите од Западен Балкан кога станува збор за проблематиката на бегалците, мигрантите и барателите на азил?

– Состојбата во регионот е значително подобрена во однос на капацитетите и ресурсите за справување со голем прилив на мигранти но предизвици сѐ уште има, особено при утврдувањето на идентитетот на мигрантите од страна на граничната полиција и во процесите на доделување азил, покрај другото и поради недостиг на преведувачи на ретки јазици. Предизвик претставува и прибирањето и обработката на статистичките податоци на регионално ниво. МАРРИ работи на надминување на предизвиците во сите горенаведени сегменти, но најмногу во делот на соработка помеѓу граничните полиции и службите за азил од регионот на Западен Балкан.

Почнувајќи од јануари 2019 година, МАРРИ поддржан од ИОМ и од Европската Унија воспоставува Регионална платформа за преведувачи од ретки јазици (MARRI – RRIS) која е наменета првенствено за службите кои работат со баратели на азил. Извештаите на Европската комисија веќе ја нагласија итната потреба за подобрување на капацитетите за преведување во процесите за доделување на азил на мигрантите. Главниот напредок во таа насока беше направен во февруари 2018 година, кога беше потпишан Протоколот за употреба на заедничка база на преведувачи од страна на министрите за внатрешни работи/безбедност под покровителство на МАРРИ. MARRI – RRIS платформата ќе им овозможи на службите кои имаат потреба од преведување да идентификуваат достапен преведувач во регионот, да го закажат за потребниот термин и да го контактираат преку видео врска. Сметам дека ова решение е од особена важност за регионот бидејќи дозволува капацитетите на регионот да бидат искористени во целост и да се зајакне соработката меѓу МАРРИ учесничките. Истовремено, оваа платформа овозможува зајакнување на националните капацитети во однос на почитување на правата на мигрантите и бегалците.

Регионалната иницијатива МАРРИ беше многу активна во период на големата бегалска криза во земјава. Како Македонија се справи со оваа криза? Кои беа најголемите слабости во функционирањето на системот и дали тие се надминати?

– Еден од предизвиците се однесуваше на соработката помеѓу централната и локалната власт. Големи напори се вложија на двете нивоа во управувањето со кризата, но се покажа дека и понатаму треба да се работи на заемната комуникација и координација. МАРРИ во соработка со Централната европска иницијатива (CEI) веќе реализираше 2 проекта во чии рамки владини претставници и претставници на локална самоуправа ги дискутираа овие прашања, но за сеопфатен пристап,  неопходно е да се вклучат сите заинтересирани страни во управувањето на миграциите, вклучувајќи го и невладиниот сектор, судството, академијата, итн. Во таа насока, МАРРИ во соработка со Германско друштво за интернационална соработка (GIZ) од почетокот на 2019 година подготвува 6 национални работилници и една регионална конференција, на кои ќе бидат поканети сите релевантни актери во управувањето со миграциите и оваа проблематика ќе биде дискутирана од секој аспект.

Дополнително, како еден од клучните предизвици со кои се соочи Република Македонија во текот на миграциската криза беше и координацијата меѓу институциите, особено координацијата помеѓу владините од една страна и невладините и меѓународните организации од друга. Токму во таа насока моментално и работиме, заедно со Канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, во изработка на План за одговор при зголемен прилив на мигранти, каде се вклучени најзасегнатите министерства и државни институции (МВР, МО, МТСП, МЗ, ЦУК, ДЗС), Црвениот крст на Република Македонија, УНХЦР, ЗЕЛС и неколку невладини организации кои беа најактивни во делот на заштита на човековите права на мигрантите и барателите на азил. Целта е овој План да биде усвоен од Владата на Република Македонија и при евентуален нов бран на миграција, Република Македонија поподготвена, со јасно дефинирани и поделени надлежности меѓу сите релевантни организации, да го пречека и соодветно да одговори. Во текот на 2019 и 2020 година би сакале да помогнеме и во остатокот од регионот на Западен Балкан да се изготват или надградат постојните Планови за одговор при зголемен прилив на мигранти, а искрено се надеваме дека ќе може да се изработи и еден заеднички регионален план кој ќе претставува додадена вредност за нашето заедничко фукционирање како регион.

Sasko Kocev marri1

Како се одвива процесот на враќање на мигрантите од европските земји, имате ли статистика колку од нив се вратени и во какви услови, колку лица се во Македонија и чекаат азил, колку од нив веќе го добиле? Дали процесот на враќање ги одвраќа мигрантите од европските земји?

– Во однос на барањата за азил статистиката вели дека во 2017 до Секторот за азил при МВР поднесени се вкупно 162 барања за азил, додека во 2018 заклучно со октомври, поднесени се вкупно 280. Од поднесените 280 барања, на 3 лица им е доделено право на субсидијарна заштита, 7 постапки се во тек, а на 9 лица им е одбиено барањето. Ако се земе предвид дека од 280 барања, само за 19 постапката е завршена или е во тек додека за сите останати постапката на одлучување е прекината, тоа значи дека Македонија сѐ уште важи за земја на транзит. Важно е да се напомене дека лицата од кога ќе поднесат барање за азил, во просек остануваат во Република Македонија околу 7 дена, додека законски предвидениот рок за регистрација од страна на надлежниот орган за азил е до 14 дена. Ова потврдува дека лицата што поднесуваат барање не остануваат на територијата на Република Македонија доволно долго ниту за да бидат регистрирани. Во однос на бројот на странци вратени од Македонија во нивната матична земја, вкупниот број на повратници во 2018 е 21 (16 мажи и 5 жени), најголемиот дел во Ирак и во Иран.

Кога се работи за враќање на државјани на Република Македонија од земјите членки на Европската Унија, враќањето се врши исклучиво врз основа на договорите за реадмисија. Република Македонија има склучено Спогодба за преземање на лица кои престојуваат без дозвола, а дополнително има склучено и договори за реадмисија со 14 земји членки на Европската Унија. Официјално, во 2017 година вкупно се вратени 2.398 лица, додека во 2018 вратени се вкупно 1.086 лица во Република Македонија. Според податоците на ИОМ, вкупниот број македонски државјани кои се вратени во Македонија преку асистирано доброволно враќање и реинтеграција (АДВР) во 2018 изнесува 1.445 лица (803 мажи и 642 жени) од кои најголемио дел (повеќе од 90%) се повратници од Германија.

Каква е вашата оценка, има ли опасност регионот на Западен Балкан (вклучувајќи ја и Македонија) повторно да биде исправен пред предизвикот на нова бегалска криза?

– Миграциските движења во регионот, иако се значително намалени, не се запрени. Имено, почнувајќи од средината на 2017 година Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, се соочуваат со зголемен број на бегалци и мигранти кои транзитираат. Во 2018 година во Босна и Херцеговина пристигнале повеќе од 21.000 бегалци и мигранти што јасно укажува дека миграциските движења продолжуваат, но по друга рута.

Сметам дека е мала веројатноста повторно да видиме толкав број мигранти и бегалци како во 2015 година. Во изминативе три години, државните власти во регионот значително ги зајакнаа своите капацитети за управување со миграциите благодарение на меѓународните организации и Европската Унија. Истовремено, мандатот и капацитетите на европските агенции Фронтекс и ЕАСО се значително зголемени, кои пак обезбедуваат директна помош на органите кои се бават во миграциски прашања во Грција, од каде што повеќето мигранти и бегалци пристигнуваат во Албанија и во Македонија.

Преземено од: https://plusinfo.mk

©2019 mkdinfodiaspora.mk All Rights Reserved. Developed By Cube Systems

Search